Филипче: Бројката од саботата е варијација која се должи на кластер во Штипска конфекција

20.07.2020 11:23

Филипче појасни дека високата бројка не е тренд, туку варијација, заради тоа што јасно е идентификуван бројот на ново дијагнсотицирани пациенти и јасно е утврдено со епидемиолошките прашалници кои во голем процент се завршени, од каде потекнува изворот и трансмисијата на вирусот.

Бројката од саботата, исто како и некои претходни варијации т.е отскокнувања од некоја вообичаена бројка, се должи на мал кластер во една од конфекциите во Штип, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за една национална телевизија.

„Една од неколкуте конфекции во кои имаше поголем број заразени е веќе затворена, таму каде што се најдени спорадични случаи вчера во координација со градоначалникот ќе зборуваме со сопствениците, за да видиме дали според епидемиолошките анкети има потреба и тие да се затворат за да се намали ризикот од пренос на вирусот“ – изјави Филипче.

Филипче појасни дека високата бројка не е тренд, туку варијација, заради тоа што јасно е идентификуван бројот на ново дијагнсотицирани пациенти и јасно е утврдено со епидемиолошките прашалници кои во голем процент се завршени, од каде потекнува изворот и трансмисијата на вирусот. Во таа смисла, вкупната бројка кога тоа ќе се изземе, е она што е тренд сите овие изминати денови односно целиот изминат период. Еден одреден процент, константен, во однос на вкупниот број на ново дијагнсотицирани отпаѓа на град Скопје, сите други ширум државата.

Во однос на пост изборните собири, но и забавите по клубовите, Филипче потенцираше дека постојат протоколи за апсолутно секој настан, секоја организација, без разлика дали е на отворено или на затворено.

„Сите мора да се свесни дека тоа е новиот начин на функционирање. И во затворена просторија кога се организираат едукации, полагања испити итн, се седи на дистанца се носат маски. На отворено капацитетите се најмногу 50% исполнети, со јасно обележани места каде треба да стојат луѓето. И на отворено кога има концентрација на луѓе мора да се носат маските“ – рече Филипче.

Тој посочи дека мора да има поголеми контроли дали се почитуваат мерките и протоколите.