Здравство

Од септември монтажен ковид- центар во Штип

20.07.2020 14:50

Штипската Клиничка болница ќе аплицира да го добие модулот за поставување на монтажни објекти за лекување на болни од Ковид- 19. Монтажниот ковид- центар со капацитет од 50 легла ќе биде лоциран во близина на Одделението за детски болести. Штипската болница се подготвува за зголемен број пациенти од есен заради евентуалниот нов бран на Ковид- 19, но и очекуваниот подем на сезонски респираторни инфекции.

54- ковид пациенти се хоспитализирани на инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, од нив седуммина се на кислородна поддршка. Максималниот капацитет на проширеното инфективно одделение е 60 пациенти, големиот број на заболени во Штип, но и порастот на болни во Радовиш и Свети Николе резултираше со изготвување план на вмрежување на болниците од регионот како би се прифатиле поголем број пациенти.

Клиничка болница Штип се подготвува за евентуалниот есенски бран на заболени од Ковид- 19, кога се очекува наплив на пациенти погодени и од останатите сезонски вируси.

Заради целосната пренамена на инфективното одделение во ковид- центар, пациентите со други инфективни проблеми се лекуваат на кожното одделение, а извесна пренамена има и во другите одделенија, пред сѐ кадровски, но и просторно.

Славица Величковска