Малиот градски пазар во Велес по четири месеци повторно отворен

21.07.2020 13:42

После четири месеци малиот градски пазар во Велес, повторно се отвори. Од Јавното комунално претпријатие Дервен велат дека се извршени сите потребни услови за работа, купувачите ги почитуваат правилата, а пазарџиите се задоволни што повторно можат да продаваат. Малиот пазар ќе работи само во пазарните денови вторник, петок и недела со скратено работно време од 07 до 14 часот...

Малиот Градски пазар во Нова Населба во Велес, којшто е од затворен тип, после четири месеци поради пандемијата од Ковид- 19, ги отвори вратите за потрошувачите и купувачите. Од ЈКП Дервен велат дека после дезинфекцијата, пазарот сега ги има сите услови за работа.

Купувачите носат маски, а редарите вршат дезинфекција. Се влегува од еден влез, а се излегува од друг. Пазарџиите велат дека сега се задоволни, бидејки четири месеци немале каде да продаваат.

Покрај пазарот во Нова Населба, со скратено работно време работи и градскиот пазар во долниот дел на градот, поради состојбата со Ковид-19. Тој е еден од трите пазари во државава кој работеше и во време на пандемија.

 

Памела Цилаков