Течат роковите за поднесување тужби до Управниот суд
Течат роковите за поднесување тужби до Управниот суд, откако ДИК ги одби сите приговори од партиите за изборните резултати. Советите се подготвени за разгледување- вели првиот човек на оваа институција Сејдини. Ќе имаат само 60 часа да донесат одлука. Во меѓувреме тивки консултации и контакти за формирање владејачко мнозинство. Крајниот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4-ти август...

Со оформени пет совети од по 28 судии, од кои тројца ротациони, Управниот суд е подготвен за разгледување на тужбите кои ќе пристигнат од политичките партии, а се однесуваат на изборниот процес. Првиот човек на судот, Бурим Сејдини се надева дека претставниците на партиите и коалициите нема да ја блокираат работата на судот, со оглед на фактот дека советите имаат рок од 60 часови да донесат одлука откако тужбата е поднесена во судот.
Поднесувањето тужбите до Управниот суд, доаѓа откако ДИК ги отфрли сите поднесени приговори на политичките партии и коалиции. На последната седница, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го овласти претседателот Мицкоски да продолжи со разговори во обидот за составување ново парламентарно мнозинство.
Претходно, СДСМ рекоа дека мандатот за составување на следната, уште поодговорона и поотчетна влада е кај Заев, кој ќе биде следниот премиер и оти по Илинден, согласно законските рокови ќе се влезе во процес на дефинирање на владината коалиција, предводна од СДСМ.
ДУИ засега останува на идејата за премиер Албанец, а според интегративците, во однос на коалицирањето, сите патишта водат кон Мала Речица. Алијансата за Албанците, пак, отфрли можна соработка со ДУИ.
Миле Ристески
