Куманово

Намален бројот на крводарителски акции

22.07.2020 16:38

Пандемијата од Ковид -19 го намали бројот на крводарителски акции во Куманово. Од почетокот на годинава во најголемата општина во државата се одржале само десет крводарителски акции. Во акциите собрани се околу 880 крвни единици, што е за 430 помалку во однос на истиот период лани...

Двојно е намален бројот на крводарителски акции во Куманово, поради состојбата со Ковид- 19. Согласно податоците на општинската организација на Црвениот крст од почетокот на годинава се одржале вкупно десет акции, што е значајно намалување споредено со претходните години. Во десетте акции собрани се 878 крвни единици, што е за 430 помалку во однос на истиот период лани.

„Во април немавме ниту една организирана крводарителска акција, затоа и бројот е намален и на крвни единици. Тука ни изостанаа и оние традиционални акции кои што ги имаме со средните училишта, каде учениците можат да даруваат крв“- истакна Сања Русевска, ОО Црвен крст Куманово.

Од одделението за трансфузиологија во кумановската болница периодов регистираат намалување на бројот на крводарители. Но, информираат дека има доволен број крвни единици.

„Голем број на жителите се плашат да дојдат во болницата да даруваат крв меѓутоа имаме сепак доволен број на крвни единици, состојбата е под контрола. Има доволен број на дарители иако сепак постои опасност, страв, закана од невидливиот непријател, вирусот ковид-19, меѓутоа сепак доаѓаат дарителите“- посочи доктор Дритон Билали, Одделение за трансфузиологија- Куманово.

Лицата кои редовно даруваат крв можат да се обратат во одделeнието секој понеделник и четврток.

Од општинската организација на Црвен крст Куманово информираа дека наредната крводарителска акција е планирано да се одржи следната недела во една од политичките партии.

 

Елена Георгиевска