Штип го живее третиот бран на Ковид- 19

22.07.2020 16:44

Штип го вклучува алармот за дополнителна претпазливост, сите капацитети општината ги става во функција. Градоначалникот апелира до граѓаните целосно да ги почитуваат здравствените препораки, најави засилена контрола и казни за сите институции, компании, но и за сите граѓани кои нема да се придржуваат до препораките...

Во моментот Штип се справува со третиот бран на Ковид- 19. Во Клиничката болница се лекуваат 50 пациенти, капацитетот е скоро пополнет, а медицинскиот кадар е истоштен. Штипскиот градоначалник денес побара од граѓаните највисока здравствена одговорност, но најави и зајакнување на сите контроли и санкционирање на сите прекршители без исклучок.

Никој нема да биде поштеден од санкција доколку ги прекршува законите, од текстилните компании, превозниците, угостителите и сите граѓани. Осум текстилни компании се сериозно зафатени со коронавирусот, две од нив целосно го прекинаа производството, а останатите работат со редуциран кадар и по претходно тестирање на вработените. Сепак, почитувањето на трите основни препораки е најсилната заштита на личното и колективното здравје, смета градоначалникот, а слично мислење имаат и граѓаните.

Паралелно со битката со третиот бран на Ковид- 19, Штип се подготвува и за евентуалниот есенскиот бран. Започна проекцијата на инсталациите за изградба на монтажен ковид центар во кругот на Клиничката болница.

 

Славица Величковска