Охрид

11- годишното неподвижно дете напуштено од родителите згрижено во групен дом

22.07.2020 17:08

11- годишно неподвижно дете оставено од родителите живее во својот дом. Без храна ни лекови, оставено само на себе. Охриѓанец го пријавил случајот в полиција. Министерството за труд и социјала го згрижи во групен дом...

Информацијата дека 39 годишна мајка вчера го напуштила својот дом и без никаква грижа, храна и надзор го оставила својот 11 годишен син заболен од церебрална парализа ја вознемири охридската и пошироката јавност.

Според неофицијалните информации се работи за лице кое има здравствени проблеми кои се влошиле по смртта на нејзината мајка пред две или три години, а психичката состојба дополнително и се нарушила откако семејството пред околу еден месец го напуштил и нејзиниот сопруг. Најверојатно тоа придонело пред еден месец таа заедно со детето да скокне во езерото при што се здобија со повреди. Претходно како што велат од охридскиот Црвен Крст мајката водела грижа за својот син и често ги користела нивните услуги.

Инаку семејството е корисник на помош од Министерството за труд и социјална политика од каде што информираа дека за 11 годишното заболено дете е обезбедена соодветна грижа и сместување во мал групен дом.

Од СВР Охрид не можевме да добиеме повеќе детали за овој случај , но како што информираа ќе биде поднесена соодветна пријава против мајката. Сепак тука се поставува прашањето која е одговорноста и на другиот родител, кој како што велат дел соседите, повремено го напуштал семејството.

Сашо Нелоски