Болницата „8-ми Септември“ се подготвува да почне со редовни операции
Болницата „8-ми Септември“ ќе го намали приемот на ковид позитивни и ќе се подготвува да почне со редовни операции. Предност ќе имаат оние кај кои интервенцијата повеќе не може да се одложува. Началникот на хируршките одделенија во болницата д-р Јасмин Циривири вели првите хируршки интервенции би требало да се извршат за десетина дена...

Од идната недела, болницата „8-ми Септември“ ќе го намали приемот на ковид позитивни и ќе се подготвува да почне со редовни операции, за кои пациентите чекаат подолго време. Листата е долга, предност ќе имаат оние кај кои интервенцијата повеќе не може да се одложува. Началникот на хируршките одделенија во болницата доктор Јасмин Циривири вели првите хируршки интервенции би требало да се извршат за десетина дена.
„Во зависност од бројот на анестезиолози кои што се во тој момент слободни, кои нема да бидат ангажирани околу лекувањето на ковид- 19 пациентите, планираме да почнеме прво со една сала со две до три интервенции, оние кои се итни оперативни интервенции или имаат краток временски период да бидат решени. Во зависност од ослободувањето на другиот персонал би го зголемиле капациетот и на повеќе сали“, изјави д-р Јасмин Циривири – хирург, ортопед.
Предвидено е инфективното одделение во кое сега се третираат болните од ковид да биде физички одвоено од останатиот дел од болницата. Сепак, состојбата со вирусот ќе ја диктира и работата.
„Ако состојбата на теренот изнуди некоја друга ситуација, ние сакале или несакале нема да можеме да ја обезбедиме таа зелена зона. Но се надеваме, ако оди со вакво темпо како што оди последниве 10-тина дена. И ако се превземат пациентите кои имаат потреба од лекување во другите установи како што планира Министерството за здравство би требало тоа да биде за 10-тина дена рачунајќи од понеделник“, вели д-р Циривири.
Од почетокот на корона кризата болницата „8-ми Септември“ беше претворена во ковид - центар. Во неа се лекуваат најтешко болните, но и најголем дел од заразените пациенти. Во третманот е ангажиран целокупниот персонал на болницата, кој веќе е преморен.
Андријана Атанасовска
