Сѐ поголем интерес за ангажирање дадилки
Што во време на пандемија кога со клуч на врата се приватните и државните градинки? Родителите се обидуваат да најдат решение додека се на работа...

Потребата го потиснува стравот. Расте интересот за дадилки за чување на деца до 10 годишна возраст. Некои родители бараат неколку часовна помош, а други пак 8 часа- полно работно време. За да се олесни пристапот и на оние што нудат и на оние што бараат вакви услуги, се креираат профили на онлајн платформа. Вештините, искуството, лични особини им помагаат на родителите полесно да ја најдат личноста на која ќе ѝ го доверат најмилото.
Дадилките се решение дури и за оние кои работат од дома. Велат, без некој да се грижи за детето, речиси е невозможно да се биде професионално исполнителен.
Од Асоцијацијата на дадилки велат дека цените за услугите за згрижување на деца, не се зголемени и покрај ситуацијата со пандемијата. За полно работно време од 8 часа се плаќа 15 илјади денари месечно.
Пандемијата е закана и за млади и за возрасни. Сепак, бабите и дедовците периодов се полоша алтернатива, бидејќи спаѓаат во групата ризични. Во време кога училиштата и градинките се под клуч, родителите останува да се снаоѓаат сами.
Александра Спировска
