Куманово: Се чека одобрение за монтажната болница
Општинскиот штаб за заштита и спасување ја поддржа иницијативата за поставување монтажна модуларна болница во Куманово, која ќе биде дел од регионалните ковид центри во земјава. Од општината информираат дека се чека одобрение од Владата и Министерството за здравство за изградба на објектот кој треба да ги зголеми капацитетите на есен, кога се очекува нов бран на пандемијата од коронавирусот...

Куманово е една од општините каде ќе се изгради монтажна модуларна болница во рамки на регионалните ковид-центари во земјава. На последната седница на општинскиот штаб за заштита и спасување се разгледала можната локација, но и условите кои што треба да се исполнат за ваквиот објект. Кумановскиот градоначалник информира дека веќе поднеле барање до Владата и Министерството за здравство, за заедничка инвестиција во здравствениот објект, кој треба да го зголеми капацитетот на Општа болница Куманово на есен, кога се очекува нов бран на пандемијата од коронавирусот.
„Веќе имаме дадено предлог локација, во составот на дворот на болницата, каде што има поголем простор. Општината ќе влезе со обврска да го подготви теренот и да го обезбеди водоснабдувањето на објектот, додека останатиот дел на инвестицијата би требало да го покрие државата, Министеството за здравство“- истакна градоначалникот Максим Димитриевски.
Бројката на заразени кумановци деновиве повторно се зголемува, за разлика од претходните месеци кога имаше само неколку новоевидентирани случаи на ден. Согласно табелата на Министерството за здравство Куманово сѐ уште е втор град, веднаш зад Скопје, со најголем број заболени од Ковид-19 во државата. Според Димитриевски бројката на заразени во Куманово варира согласно бројот на тестирањата кои што ги прават епидемиолошките служби.
„Јас се надевам и посакувам таа бројка да биде што помала особено во делот на оние што завршуваат со фатални последици и со смрт, но од друга страна сепак мора да бидеме и се соочиме со реалноста дека вирусот е тука и најголем дел и од нашата недоговорност, сеопшта, граѓанска, доведува до оваа состојба“- нагласи Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник апелираше и Министерството за внатрешни работи да ги опоменува, а по потреба и санкционира несовесните граѓани кои не се придржуваат до здравствените насоки.
Елена Георгиевска
