Во Охрид закажани голем број концерти, организаторите велат- ќе се почитуваат протоколите

29.07.2020 16:36

И покрај сериозноста поради здравствената криза во Охрид за илинден и во текот на август се закажани голем број концерти и други помасовни собири. Организаторите велат дека ќе се почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19 за јавни собири, но опасноста е секогаш присутна. Мислењето на граѓаните околу ова прашање е различно.

Во текот на продолжениот празничен викенд Охрид ќе биде преполн со туристи. Кулминацијата на туристичката сезона ќе ја одбележат и голем број концерти и други помасовни забави кои во сегашната здравствена криза можат да бидат ризични доколку не се почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот. Граѓаните по ова прашање имаат различни мислења.

Дел од концертите поради несоодветната локација се веќе откажани, но според најавите планирано е музички настани да се одржуваат во Античкиот театар и на просторот на Спортско-реакреативниот центар „Билјанини Извори“.

За Илинден, а и во текот на целиот месец август се закажани бројни концерти во Охрид, но засега нема ниту едно барање за дозвола за нивно одржување од СВР Охрид.

Можеби е така поради тоа што може да дојде до откажување на настаните од познатите македонски и регионални звезди. Издавачите на просторот пак велат дека одговорноста за спроведување на протоколите за одржување на јавни настани е на организаторите и дека контролите ќе бидат ригорозни.

„Знаеме дека од еден концерт излегуваат доста пари и знаеме како излегуваат. Кога се заработува целта ги оправдува средствата, кога треба да се заработат пари никој ништо не бира. Значи бараат начин како да ја изиграат државата, како да го изиграат законот. Но сепак јас мислам дека овој пат институциите на државата се цврсто решени да стојат бранејќи го законот само со единствена причина да се заштитат луѓето“, изјави Гордана Јованоска- директор на ЈП „Билјанини Извори“- Охрид.

За организирање на концерти во текот на празничкиот викенд на фудбалското игралиште на спортскиот центар имало огромен интерес од познати македонски продукциски куќи, но поради опасноста од масовна посета, како што рече Јованоска, јавното претпријатие во договор со локалната самоуправа одлучило просторот да не се издава.

Сашо Нелоски