Засилено полициско обезбедување во Охрид за Илинденскиот викенд

31.07.2020 12:13

Засилено полициско обезбедување во Охрид за Илинденскиот викенд. Целта е да се намали бројот на нарушувања на јавниот ред и мир, но и да се почитуваат препораките за заштита од Ковид-19. Ќе има и инспекциски контроли. Ќе се проверува работното време на кафеаните, плажите, собирањата на младите до раните утрински часови, носењето заштитна маска...

Голем број полициски службеници од Охрид и на испомош од други грдови ќе се грижат за безбедноста на туристите за време на Илинденскиот викенд на брегот на Охридското езеро.

Во пикот на туристичката сезона, кога во градот веќе има илјадници гости, полицијата ќе ги обезбедува плажите, културно- историските споменици, угостителските објекти, плоштадите и познатите збиралишта на младите.

Целта е да се намали бројот на нарушувања на јавниот ред и мир, но и да се почитуваат препораките за заштита од корона вирусот.

„СВР Охрид изготви оперативен план кој што ќе овозможи целосно присуство на полициски службеници на целото подрачје а тоа ќе придонесе за зачувување на стабилната и поволна безбедносна сосотојба. Полициски службеници од СВР Охрид но и други кои што доаѓаат од другите СВР на испомош ќе бидат распоредени не само во централното подрачје туку и по плажите“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Кризниот штаб на општина Охрид најави засилени и координирани инспекциски контроли за заштита на јавното здравје. Ќе се проверува работното време на кафеаните, плажите, групните собирања на младите до раните утрински часови, носењето заштитна маска.

„Ќе вршиме контроли на неовластено поставување урбана опрема, почитување на протоколи, дали има непријавени работници и сите други законски прекршувања на терен“, вели градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески.

„Исклучок во делот на казнување кон сите субјекти кои ќе ги кршат одредбите нема да има ќе има неселективен настап и доследно казнување на сите оние кои што ќе ги кршат одредбите“, вели Димоски.

Во изминативе два месеци во Охрид случени се 66 тепачки, а поделени се 700 казни за неносење заштитна маска.

Од вчера општината започна и кампања „Летувајте безбедно во време на пандемија“, се делат флаери на гостите да се придржуваат до препораките.

 

Соња Рилковска