Автопатот Кичево – Охрид се заканува на археолошки локалитет

31.07.2020 16:48

Вредно културно- историско наследство кое датира од 5-6 век може да биде жртва на автопатот Кичево – Охрид. Од Завод и Музеј Охрид смируваат – вршиме надзор и се координираме со градежните екипи...

Деновиве дел од граѓаните на Охрид и некои експерти алармираа и апелираа при изградбата на автопатот Кичево-Охрид, на потегот од Подмоље до Свети Еразмо да се води особена грижа за да не се оштети вредниот археолошки локалитет кој се наоѓа на тој простор. Од охридскиот Завод и Музеј смируваат и велат дека веќе една година вршат континуиран надзор на сите заштитени локалитети долж автопатот и дека сите градежни активности се одвиваат во координација со нивните експерти. Велат има проширување на сообраќајницата но 500 метри пред и уште толку по заштитеното подрачје.

„Морам да напоменам дека моментално сме во постојан контакт со изведувачот „Викторија инвест“ и Македонија пат, имаме добра соработка. Постојат недоразбирања кои се од технички аспект, ги анализираме, но тоа се решава на лице место така што моментално евидентно е дека не постои опасност по самата базилика“, изјави Анатолиј Арнаудов, археолог- Завод и Музеј Охрид.

Сите што доаѓаат во Охрид минуваат крај овој локалитет, меѓутоа малку знаат дека станува збор за вредно културно историско наследство кое датира од 5-6 век.

Ранохристијанската базилика која располага со раскошни мозаици се наоѓа во близина на црквата Свети Еразмо. Таа е откриена во далечната 1974 година при градењето на магистралниот пат Охрид-Кичево. По првичните истражувања таа е прекриена со песок врз кој со текот на времето се наталожила земја, израснала дива трева, дрвца и други растенија. Археологот Арнаудов вели дека тоа е стандардна постапка бидеќи на тој начин се заштитуваат мозаиците и не се подложни на природните елементи.

„Е заштитена на начин на кој што е заштитена. Последниве години е аплицирано, се во фаза на реализација повеќе проекти за ревитализација на самата базилика. Тој проект е во тек се надевам дека ќе бидат одобрени средства со кои ќе може да се донесе во фаза на ревитализација“, вели археологот Арнаудов.

Неспорно е дека се работи за еден од највредните археолошки локалитети во охридско кои треба што поскоро да се ревитализираат и презентираат пред македонската и светската јавност. Тоа го покажуваат и првичните истражувања на археолозите Владо Маленко и Паско Кузман кои се документирани од екипа на Телевизија Скопје, односно Македонската телевизија во емисијата „Виа Игнација-Свети Еразмо“ на авторот д-р Блаже Смилевски и режисерот Иван Чаповски. Во неа е претставен овој импозантен историско-христијански локалитет со прекрасни мозаици, кои сигурно ќе бидат привлечни за сите туристи кои ќе го посетат Охрид.

 

Сашо Нелоски