Собрание

Џафери излезе од Инфективна, ќе ја води конститутивната седница

03.08.2020 15:05

Талат Џафери излезе од Инфективна и ќе ја води утрешната седница на Собранието за конституирање на новиот состав, соопштуваат од неговиот кабинет. Партиите и натаму преговараат без да ги објават резултатите од меѓусебните контакти. Во оптек се повеќе партискиот комбинаторики по тесниот резултат меѓу водечките политички субјекти во земјава...

За утре напладне е закажана конститутивната седница на десеттиот собраниски состав во независна Македонија, по предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули. Од собраниската прес- служба информираат дека седницата ќе ја води досегашниот спикер Талат Џафери. Тој излезе од болница.

„Претседателот Талат Џафери излезе од болница и е во многу добра состојба. Утре тој ќе ја води седницата“, велат од неговиот кабинет.

На дневен ред на седницата е избор на претседател на Верификационата комисија, верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател, заменик, членови на Комисијата за прашања на избори и именување и избор на претседател на Законодавниот дом.

Дали ќе се избере претседател на Собранието зависи од тоа дали е формирано владино мнозинство. Поради епидемијата со Ковид-19, а по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, запазени се сите протоколи за заштита, тврдат надлежните.

Поради неопходноста од одржување растојание меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во големата сала со големата купола. Ќе има маски, средства за дезинфекција, а на влез ќе се мери температурата. Гласањето ќе се одвива рачно, со картончиња – појаснуваат од законодавниот дом.

По конститувната седница, претседателот на државата пендаровски има 10 дена да го додели мандатот за формирање нова влада. Според информациите, во партиите се работи на собирање мнозинство од 61 пратеник. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ќе се обидат да направат мнозинство за формирање влада. Мандатарот потоа има рок од 20 дена да го предложи кабинетот во Собранието.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата Алијанса и Алтернатива 12, Левица два и еден пратеник е од ДПА.

 

Наташа Гркова- Петрушевска