Застој во изградбата како предизвик за студентите

03.08.2020 16:26

Кога ќе се изградат двата факултета за физичко образование и за информатички науки?. По неколкугодишен застој поради банкрот на фирмата, сега здравствената криза е новиот предизвик за подобрите просторни услови за околу 4.000 студенти на ФИНКИ. МТВ се обиде денеска да добие повеќе информации од заменикот министер во образование, но безуспешно...

Во овие објекти треба да се сместат студентите од  Факултетот за информатички технологии и за физичко образование. Сликата е она што досега е направено. Градежните актвности почнаа пред  пет години, но работите застанаа.

Тендерот беше објавен од Министерството за образование. Двете згради се градат со буџетски средства, но фирмата која го доби тендерот за да се реализира банкротирала и  објектите застанаа со градба.

Деканот на ФИНКИ вели дека пред пандемијата со Ковид 19 очекувале секој момент да се објави нов тендер од  страна на ресорното министество и да се избере фирма за да продолжи со изградбата. Но короната и тука си го направи своето. На ФИНКИ состојбата со просторните услови е веќе критична.

Деканот Иван Чорбев стравува дека е можно одложување на изградбата на објектите поради економската криза предизвикана од здравствената состојба.  Сепак смета дека треба да се направат силни напори да им се овозможат пристојни услови за образование на 4.000 студенти на веројатно најпривлечниот и највносниот факултет за младите академци.

Ана Јосифоска- Тодоровска