Образование

Обуки за новите платформи за едукација

04.08.2020 11:38

Наставници од основното училиште Крсте Мисирков од Куманово се обучуваат за користење на новите платформи за едукација. Од ова училиште велат дека се уште ги чекаат насоките на надлежните за начинот на работа во новата учебна година, меѓутоа одлучиле персоналот да го едуцираат за ракување со платформите. Обуките се одржуваат согласно протоколот за организирање семинари.

Основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово за својот персонал обезбеди обуки за новите платформи за едукација, Зум и Клас рум, со оглед на фактот што се уште не се знае на кој начин ќе започне новата учебна година. Обуката се реализира во неколку групи, со почитување на протоколот за организирање семинари. Надлежните од ова училиште планираат да издадат и прирачник за основно ракување со онлајн платформите.

„Направивме обуки за почетници, за основна комункација преку е маил пораки, социјални мрежи, како и за поголем број на наставници кои веќе го имаат овој дел совладано, меѓутоа платформите како Зум или Клас рум кои беа најпопуларни и најискористени ги искористивме и сигурно пред почетокот на наставната година зависно од насоките сигурно ќе мора да направиме дополнителни обуки“- посочи наставникот Југослав Спасиќ.

Ова училиште се подготвува во нови, реновирани училници за неполн месец да ги дочека учениците.

„Чекаме 10-ти август за да видиме Комисијата за заразни болести во координација со Министерството за образование и наука што ќе изготват и каков план ќе биде за работа од септември. Знаеме дека минатата учебна година се заврши со онлајн или т.н далечинско учење без физичко присуство на наставникот и сите ученици од нашето училиште успешно ја завршија учебната година“, изјави Александар Јовановиќ, директор ОУ „Крсте Мисирков“ Куманово.

Надлежните од ова кумановско училиште велат дека нема замена за класичната настава, интерактивниот начин на работа, но сепак ги чекаат насоките и протоколот.

Елена Георгиевска