Конститутивна седница на Собранието

04.08.2020 12:30

Конститутивна седница на новиот парламентарен состав. Поради коронавирусот, се одржува под строги епидемиолошки протоколи. Со пленарката претседава досегашниот спикер Талат Џафери, кој вчера го заврши 10-дневното лекување на Инфективната клиника. Наместо во салата „Македонија“, пленарката се одржува во „Големата Купола“...

Во Собранието почна првата седница на новиот парламентарен состав, која се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери.

На почетокот на седницата беше интонирана химната. Присутни се 117 пратеници, а тројца не се. Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието им беше мерена телесна температура. На сите влезови ќе се поставени средства за дезинфекција.