Утре се отвораат понудите за избор на фирма која ќе ја урива дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“
Утре се отвораат понудите за избор на фирма која ќе ја урива дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“. „Мистериозниот“ инвеститор на бесправниот објект до денеска треба сам да го отстрани, одби да го прими решението на градежниот инспекторат, а при тоа ги избегна и сите административни постапки...

„Мистериозниот“ инвеститор од кого се бараше самиот да ја урне дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ го проби законскиот рок. Согласно решението на градежната инспекција и надлежностите на Општина Чаир, на чија територија се наоѓа објектот, локалните власти ќе треба да го отстранат.
Општината Чаир на 27-ми јули објави тендер за избор на фирма што ќе отстранува бесправно изградени објекти. Постапка би требало да заврши до средината на август, кога преку избраниот економски оператор треба да го урне објектот.
„Рокот од 8 работни дена што го дадовме на тој што гради да го отстрани објектот, истекува денес. Доколку никој не го отстрани објектот до крајот на денот, општината тоа ќе го стори веднаш штом заврши тендерот, кој го објавивме веднаш за да можеме да реагираме за настаната ситуација“, посочи градоначалникот Ганиу.
Јавноста сѐ уште нема точна информација кој ја гради дивоградбата. Ганиу претходно изјави дека откако инспекторите увиделе дека се гради без дозвола, а на градилиштето имало само работници и никој не презел одговорност дека е инвеститор, општината го објави решението за уривање до непознат сторител во Службен весник. Град Скопје, пак, се правдаше дека нема речиси никакви ингеренции во градежната инспекција и побара законски измени за да им се одземат ингеренрциите на општините и тие да преминат кај градот.
Дивоградбата пред „Мавровка“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“ кое изгоре во пожар пред два месеци. МВР преку единицата за компјутерски криминал води истрага по што ќе го извести и Обвинителството.
Фиљана Кока
