Почнаа разговорите за формирање влада
Со конституирањето на Собранието, и официјално почнаа разговорите за формирање влада. Претседателот Пендаровски во следните 10 дена треба да му го довери мандатот на оној којшто ќе има мнозинство во законодавниот дом...
Започна трката за составување парламентарно мнозинство и за формирање нова влада. Лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски се убедени дека тие ќе бидат мандатари. И за двајцата, приоритет се економијата и стандардот на граѓаните, реформите во судство, интеграцијата.
Секој со секого ќе разговара, но Заев веднаш ја исклучи можноста дека ќе преговара со ДУИ владата да има ротација на премиерското место. Со 15 пратеници не се станува премиер, порача првиот човек на СДСМ и предводник на коалицијата „Можеме“.
И лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Мицкоски вели ќе разговара со сите за ново парламентарно мнозинство. Во разговорите ќе бидат вклучени и оние партии од коалицијата „Можеме“, кои имаат по еден или двајца пратеници. Откри дека пратеници на ВМРО- ДПМНЕ добиле предлози да преминат на другата страна.
Заев најавува дека сѐ ќе биде појасно за 10 до 15 дена. Никој од лидерите не открива кога и каде ќе се одржат средбите. Оној кој ќе го добие парламентарното мнозинство ќе го добие и мандатот да состави влада.
Миле Ристески
