Ниту една фирма не се пријавила на тендерот за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“

05.08.2020 14:28

Доколку и на вториот повик нема пријави, според Законот за јавни набавки се скратуваат роковите на постапката. Од Општина Чаир уверуваат дека се цврсто решени оти нелегалниот објект треба да се руши.

Ниту една фирма не се пријавила на отворениот повик за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“. Од Општина Чаир за МТВ потврдија дека уште утре ќе биде отворен нов јавен повик, со истите критериуми. Идниот четврток ќе бидат отворени евентуалните понуди од економските оператори. Се очекува целата постапка да се заокружи за еден месец.

Доколку и на вториот повик нема пријави, според Законот за јавни набавки се скратуваат роковите на постапката. Од Општина Чаир уверуваат дека се цврсто решени оти нелегалниот објект треба да се руши.

Поминаа и 8-те работни дена од јавниот повик објавен во Службен весник сопственикот на дивоградбата сам да ја  одстрани дивоградбата, што не се случи. Засега безуспешна е и истрагата на МВР за негово пронаоѓање, а од Обвинителството велат дека чекаат полицијата да ја комплетира истрагата и да ги известат.