РАЗГОВОР.МК: МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ЗА СИТЕ

Ирина Николовска: Секоја ситуација на криза може да биде повик за развој

23.11.2020 11:21

Многу луѓе кои се соочуваат со предизвици и проблеми во овие, за сите нас, чудни услови, развиваат незадовлство или симптоми на анксиозност и други психички состојби. Други пак, го извлекуваат бенефитот од сето ова, ги преиспитуваат своите животни приоритети, поминуваат време со себе и своите блиски, експлоритаат разни активности- во интервју на МРТ вели Ирина Николовска, лиценциран психолог и дел од тимот на РАЗГОВОР.МК...

Во обид за повик за подигнување на свеста за грижата за менталното здравје, во време кога истото е предизвик за сите, ви ја претставивме платформата РАЗГОВОР.МК. Овој пат зборуваме со Ирина Николовска, дел од тимот, лиценциран психолог, гешталт и интегративен советник, со повеќе години искуство во областа на психологијата и психолошкото советување. Во својата работа, има искуство со различни возрасни групи и проблематики. Меѓу нив, најмногу со: деца, млади и семејства, кризно советување, развој и отстапки од развој, психолошки проценки, менаџмент на човечки ресурси, кариерно советување и др. Таа е автор на голем број психолошки статии и има искуство како предавач на работилници и активности од областа на психологијата и личниот развој. Координатор е на здружението „Синтеза“, кое е ориентирано кон едукација, советување и подобрување на менталното здравје кај индивидуи, семејства и групи.

1. Дали сметате дека, колку и да звучи иронично, позитивен исход од ковид-19 пандемијата е подигањето на свеста за значајноста на менталното здравје и неговото негување? Каков придонес има разговор.мк по ова прашање?

Секоја ситуација на криза, може да биде повик за развој. Така е и со ковид-пандемијата, која нè затекна сите нас.

Многу луѓе кои се соочуваат со предизвици и проблеми во овие, за сите нас, чудни услови, развиваат незадовлство или симптоми на анксиозност и други психички состојби. Други пак, го извлекуваат бенефитот од сето ова, ги преиспитуваат своите животни приоритети, поминуваат време со себе и своите блиски, експлоритаат разни активности, хоби и интереси итн. И едниот и другиот поларитет, значајно се поврзува со менталното здравје, и свесноста за истото. Моето лично доживување е дека луѓето тоа го чувствуваат и освестуваат, сè повеќе. Психолошките услуги преку апликацијата разговор.мк и нејзината суштина на постоење, не е клучно поврзана со ковид-ситуацијата. Сепак, значајно допринесува да се крева свесноста за менталното здравје, поготово во овие специфично услови, и уште повеќе, ја прави многу достапна до сите оние кои имаат потреба.

Така што, патот до професионалците за ментално здравје е толку олеснет, што ве делат само неколку клика. Доверливоста во работата, што е исто така значајно за оние кои ја користат апликацијата, е загаранирана, како правно, така и морално.

2. Ако некогаш беше табу тема, кој е вашиот впечаток сега, колку луѓето во Македонија обрнуваат внимание на своето ментално здравје?

Она што би споделила од своето искуство во однос на ова прашање, е дека кај нас, сè уште не ѝ пристапуваме на психотерапијата како третман (некогаш дури ни како опција) на ниво како кога бараме услуга за потреби и проблеми, како ви други животни облсти. На пример,  нормално е да се консутира психолог, исто колку што е нормално да се консултира стоматолог, физиотерапевт, електричар итн. кога имаме потреба од нивна услуга.

Секако, за да се бара некоја услуга или решение, потребно е прво да се препознае потребата или проблемот. На ова се уште работиме и сметам дека иако се бавни, се прават значајни промени за свесноста за менталното здравје и психичката добросостојба. За порадикални промени, освен индивидуално, потребно е и системски да се реагира, да се вршат зачестени кампањи, едукации и да се воведе темата уште во раното образование и воспитание. Вакви иницијативи во последно време се појавуваат сè почесто, интересот кај луѓето се зголемува, свеснота се проширува и го поздравувам секој чекор за ширење на свесноста за оваа тема и информирање и едуцирање на јавноста.

3. Како би ја дефинирале целта на платформата и дали сметате дека ја исполнувате? Кој е најважниот критериум за вас?

Унапредување на менталното здрвје и на квалитетот на живеењето (на индивидуи, партнери, семејства и групи) е она што стои како цел во работата и делувањето на терапевтите и психолозите. Она што разговор.мк го прави поразлично како апликација, и како давање помош и услуга до луѓето, е достапноста, анонимноста и едноставноста на користењето.  Психологијата и терапијата повеќе не е табу-тема, се руши полека митот дека е стигма да се побара професионалец за ментално здравје, и разговор.мк праќа силна порака за сето тоа. Секој сака да живее среќен и исполнет живот, а парадоксално, болката, тагата и незадоволствата се неминовен дел од сето тоа. Низ работата во терапијата, овие аспекти се разгледуваат, отплеткуваат и прават чекори за унапредување. Унапредувањето, среќата и исполнетоста пак, си ја дефинира секоја личност. Затоа, индивидуалниот пристап во овој процес е многу значаен. Платформата, сето тоа го нуди и остварува, за секој кој сака да направи ваков чекор.

4. Дали постојат “домашни мелеми” за менталното здравје?

Менталното здравје е комплексно, вклучува многу аспекти, и личниот развој, неретко, не е линеарен процес. Затоа, не би препорачала магични формули и решенија во „неколку лесни чекори“. Но ова, не мора да значи дека грижата за менталното здравје е тежок, фрустрирачки и макотрпен процес на градење капацитети и надминување проблеми, иако некогаш се чини така. Во овој процес има и многу возбуда, осознавање, инспирација, креативна адаптација, споделување, разбирање, мотивација, акција итн. Она што верувам дека го унапредува личниот развој и менталното здравје е ширењето на свесноста, себесознанието, преземањето одговорност за своето делување, грижа за себе и околината. Скратени патчиња за ова нема, но тоа не е лоша вест. Психолозите не се лица кои имаат одговор за сè и кои никогаш не ги допираат предизвиците на живеењето, но се обучени за помош и поддршка во процесите на надминување психички блокади, подобрување на функционално реагирање и унапредување на психичкото здравје, а со тоа и квалитетот и задоволството во живеењето. Тие, зависно од вашата волја и соработка, можат да ви помогнат во овој уникатен и автентичен процес.   

 

Јана Бурческа