Ковид-19

Епидемиолошката состојба стабилна, не се планираат нови рестрикции

21.06.2021 14:22

Темпото на имунизација е забавено, бидејќи нема доволно вакцини. До крајот на месецов ќе стигне поголема пратка од околу 600 илјади дози, 100 илјади од „Фајзер“, преку Ковакс- механизмот, и 500 илјади од кинески „Синовак“. Епидемиолошката состојба стабилна. Доколку биде вака, не се планираат нови рестрикции. Вакцината штити од „делта“ сојот на Ковид-19, вели министерот за здравство Филипче. Моментално за прва вакцина се користат донациите со „Синовак“ од Турција и „Астра Зенека“ од Грција само за лицата над 60 години, и „Фајзер“, од каде секој понеделник испорачуваат околу 12 илјади дози...

Нема нови рестрикции, епидемиолошката состојба е стабилна. Сепак, министерот Филипче вели, ситуацијата будно се следи. Ако се процени дека има ризик од ширење на заразата во ноќните клубови, тогаш повторно ќе се воведат нови мерки.

Досега во земјава се регистрирани двајца пациенти заболени од индискиот сој на коронавирус, но епидемиолошките анкети покажале дека нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки. Пациентите од Ирак безбедно стигнале во нашата земја со ист авион и немале контакт со други луѓе. Филипче рече дека вакцината штити од делта мутацијата.

По три дена пауза, пунктовите повторно отворени. Сепак, вакцинацијата се одвива со забавено темпо. За имунизација чекаат околу 180.000 пријавени преку веб- платформата „вакцина.мк“, а меѓу нив 40.000 се над 60 години.

До крајот на неделава се очекува да стигне поголема количина од „Фајзер“ преку Ковакс- системот и тие веднаш ќе бидат дистрибуирани во пунктовите ширум државата. Кинеските „Синовак“ треба да стигнат до крајот на месецов.

 

Александра Спировска