Милошоски: Покрај блокадата од Бугарија, не е исклучено кај дел од земјите да има резерва за проширувањето
Покрај блокадата од Бугарија, не е исклучено и кај дел од земјите членки на ЕУ да има резерва за проширувањето, личен став на претседателот на Комисијата за надворешна политика Милошоски. Тврди дека според дипломатски извори, Заев во Софија на бугарските власти им предал неформален предлог за јазикот. Неговата албанска колешка Кодели смета дека патувањето до ЕУ треба да биде заедничко...

Македонија и Албанија остануваат во чекалната на Европската Унија. Покрај блокадата од Бугарија, очигледно е дека и на дел од земјите од Европската Унија, проширувањето не им во агендата, вели претседателот на Комисијата за надворешна политика Милошоски, потенцирајќи дека тоа е негово лично мислење. Европската Унија без Западен Балкан не би била целосна. Повтори дека според релевантни дипломатски извори во Брисел и во Бугарија, Заев во Софија отишол со неформален предлог. На маса бил јазикот и идентитетот.
„Има земји- члнки кои тоа гласно ќе го кажат, а има и земји на кои проширувањето не им е приоритет, но истото ќе го премолчат. Таквите на еден суптилен начин немаат ништо против вмешувањето на билатералните спорови на патот на Македонија кон ЕУ. Тој има понудено нацрт- документ во неофицијална верзија. Ние цениме дека господинот Заев го направил токму тоа, дека на маса е ставен македонскиот јазик, идентитет и историографија за преговори со Софија“, изјави претседателот на Комисијата за надворешна политика Милошоски.
И кај неговата албанска колешка Кодели- разочарување. Сепак, смета дека Македонија и Албанија не треба да се обесхрабрат и треба да продолжат со реформите. Став на Тирана е дека историските прашања не треба да бидат услов за старт на преговорите, алудирајќи на ветото од Бугарија за Македонија.
„Не сметам дека ние сме заложник во овој случај. Многу ја ценам соработката. Многу е значајно патувањето да биде заедничко. Кога велам заедничко, не говорам само за Албанија и Северна Македонија, туку и за сите држави што се во Западен Балкан. Патувањето на Црна Гора, Босна и Херцеговина и дијалогот Србија-Косово. Секое унапредување на европските вредности што се однесуваат на Западен Балкан е добредојдено“, изјави Мими Кодели, претседателката на Комисијата за надворешна политика на Албанија.
Разликите меѓу Скопје и Софија треба да се решат по примерот на Словенија и Хрватска, а Македонија да ги почне преговорите, бидејќи како што вели Милошоски, тоа го заслуживме уште од 2009-та година.
Милчо Велески
