Црн Дрим блесна во повеќе бои, еколозите укажуваат на штетни последици
Реката Црн Дрим од синоќа блеска во повеќе бои. Поставено е подводно осветлување од двете страни на коритото. Проектот кој чини 110 илјади евра предизвика реакции кај еколозите и јавноста…

Реката Црн Дрим блесна во неколку бои, коритото од синоќа се прелева во сина, црвена, зелена и виолетова боја. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик. Светилки се поставени од двете страни на коритото во должина од 1.800 метри. Според градоначалникот Мерко, Дрим е нова туристичка атракција.
„Заслужува Дрим да биде осветлен ноќе бидејќи тука доаѓаат гости, а тука сме и ние стружани кои се гордееме со езерото, а посебно реката Црн Дрим која врви низ Струга“, вели Рамиз Мерко градоначалник на општина Струга.
Екологистите со експресна реакција. Обвинуваат дека осветлувањето ќе има штетни последици врз животинскиот и растителниот свет во реката.
„Осветлувањето на речните води, го менува ритамот на живиот свет, се губи чувството на ден и ноќ, го менува циклусот на раст на водните алги. Светлината воедно го нарушува животот на рибите особено чувството за ориентација, комуникација и раст“, пишуваат екологистите.
„Мислам дека нема место за критики од страна на еколозите бидејќи осветлувањето не уништува флора и фауна. Наспроти уште подобро ќе изгледа како аквариум и ќе биде добро за око за сите нас и гостите кои се во Струга“, додава Мерко.
Проектот предизвика реакции и во јавноста. Граѓаните се загрижени за безбедноста на капачите. Градоначалникот уверува дека осветлувањето е потполно безбедно, станува збор за нисконапонска струја од 12 волти.
Подводното осветлување на Дрим чини 110 илјади евра.
Соња Рилковска
