Евроинтеграции

Останува бугарското вето

22.06.2021 19:17

Ништо не се промени во Луксембург. Останува бугарското вето и покрај напорите на португалското претседателство да се почне со преговорите за нашата држава и за Албанија. Португалската државна секретарка Закаријас се надева дека словенечкото претседателство кое почнува од 1-ви јули ќе успее во наредните шест месеци да го реши ова прашање...

Бугарија не попушта. На Советот за општи работи во Луксембург повторно осамена ја блокирала преговарачката рамка за земјава. ЕУ не сака да види раздвојување на Северна Македонија и Албанија, па двете кандидатки нема да добијат зелено светло за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Актуелниот претседавач со унијата, Португалија, соопшти дека по долгите тешки разговори во Луксембург околу проширувањето, не била постигната едногласна согласност за одржување на првата меѓувладина конференција со Скопје и со Тирана.

„И покрај сите напори не можевме да се согласиме за меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија. Нотиравме дека за време на словенечкото претседателство што побрзо да се одржат првите меѓувладини конференции со овие две земји“, изјави Ана Паола Закаријас- државен секретар за европски прашања на Португалија.

Германија, Словачка, Литванија и други земји членки пред почетокот на Советот за општи работи во Луксембург посочија дека ако не се постигне согласност за почеток на преговори со земјава, ќе се испрати лош сигнал за проширувањето до државите од Западниот Балкан.

Претходно, Германија и Словачка беа меѓу земјите кои се залагаа за отворање на поглавјата за Скопје и за Тирана.

„Германската федерална влада смета дека Албанија и Македонија ги исполнија условите и конечно можат да започнат со преговори и мора да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји- членки сега испраќа сигнал за имплементација на ветувањата кои државите ги дадоа“, изјави Михаел Рот- државен министер за европски прашања на Германија.

„Процесот на проширувањето е многу важен за Словачка. Како да се одблокира процесот на пристапувањето за Северна Македонија и Албанија. Навистина се надевам на добри резултати, позитивни одговори бидејќи станува збор за довербата во Европската унија во овој регион, што како што реков, е многу важна за Словачка“, изјави Мартин Клаус, државен секретар во Министерство за надворешни и европски прашања на Словачка.

На Советот за општи работи во Луксембург се одржуваат првите меѓувладини конференции со Црна Гора и со Србија.

 

Ирина Гелевска