Заев - Рама: ЕУ има проблем, ние сме Европа
„Европа има проблем. Унијата не успеа да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграцијата на Западен Балкан. Ние не се откажуваме и ќе бараме решение“ – реакција на премиерот Заев за новата блокада. Со ист став и неговиот албански колега. „Ќе продолжиме да се потпираме на себе, а не само на тоа што го кажува Брисел. Се надевам дека од вас нема да бараат да се наречете Западна Бугарија“ – изјави Рама...
Повторно блокираните за преговори, Северна Македонија и Aлбанија, разочарани од исходот на Советот за општи работи, реагираа- ЕУ има проблем зошто 26 земји членки не успеаa да ја убедат Бугарија за почеток на преговорите. И покрај разочарувањето за повторното вето, и покрај исполнетите критериуми, не се откажуваме, ќе продолжиме да бараме решение со Бугарија, изјави премиерот Заев потенцирајќи дека повторно ќе оди во Софија на разговори со бугарскиот врв.
„Гласот на Бугарија да не ја одобри рамката, наспроти едногласниот став на сите други земји сметаме дека не е во духот на добрососедските односи. Нашата позиција е јасна дека ЕУ не треба да биде заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Прогресот треба да зависи од реформите и спроведување на европските стандари. Токму затоа сметаме дека во рамката не смеат да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ“, изјави премиерот Заев.
Заев со став дека нема да разговара за идентитетот и јазикот. Објави што понудиле на Софија при последната посета, дека немаме територијални претензии кон Бугарија, немешање во внатрешните работи, дека двете земји имаат сличен, но различно признати јазици и заедничка историја. Солидарност и од Албанија, која смета дека билатералните спорови не треба да бидат пречка за преговори. Сега топката е кај Унијата за да почне преговори, и дека двете земји ќе чекаат подготвени кога тоа ќе се случи. Во меѓувреме ќе работат на реформите за приближување кон ЕУ.
„Не сме ние тие коишто не успеавме, тие не успеаја. Тие ги имаат своите причини и ги разбирам тоа е нивниот дом, а ние сакаме да влеземе во таа куќа. Ние сме европејци без ЕУ, ние сме ЕУ, но сепак сме Европа. Единствениот проблем е што сепак тие можеа да кажат „ние ве сакаме, сакаме да бидете внатре но имаме некои работи кои прво треба да си ги решиме. Вашите простории, вашите соби се уште не се подготвени. Тоа што тие постојано го викаат е вие уште не сте подготвени, но тоа не е вистина. Едноставно можеа да кажат - си ја завршивте работата, но ние не сме подготвени“, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама.
Двајцата премиери испратија порака до Брисел дека повторниот неуспех Унијата да донесе одлука за официјален почеток на преговорите предизвика негативен ефект во регионот со намалување на кредибилитетот и поддршката за Унијата во регионот.
Ирина Гелевска
