Џафери ќе ги распише локалните избори на крајот на јули или почетокот на август
Локалните избори е можно да се распишат на крајот на јули или во почетокот на август, најави спикерот Џафери. Прв можен термин за нивно одржување е 17-ти октомври. Но, почетокот на кампањата би се совпаднал со последните денови од пописот кој ќе трае до 30-ти септември. Претседателот на Собранието појаснува дека, според Договорот за добрососедство, разговорите меѓу Скопје и Софија за спорните прашања ги водат владите на двете држави…

Разговорите меѓу Македонија и Бугарија за надминување на недоразбирањата ги водат двете влади. Собранието го ратификуваше Договорот за добрососедство, вели спикерот Џафери, потенцирајќи дека тоа е рамката за надминување на спорот. Без конкретен одговор дали по примерот на бугарското собрание кое ратификуваше декларација, и во нашиот парламент треба да се усвои ваков документ. Немал контакти со неговиот бугарски колега, бидејќи како што рече на редовниот брифинг со новинарите, изминатиот период и Македонија и Бугарија наизменично беа во изборни процеси.
Процедурално и концептуално спроведовме сè што се бараше од нас, појаснува Џафери, откако Македонија повторно не доби датум за старт на преговорите со ЕУ. Можност уште еднаш да се потврди нашата заложба за евроинтегрирање е состанокот на претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан со првиот човек на Европарламентот Сасоли во Брисел, на 28-ми и 29-ти јуни.
На 1-ви и 2-ри јули, пак, во Охрид ќе се одржи и Преспа форумот. Претседателот на Собранието најави дека летово ќе ги распише локалните избори, согласно законските рокови. Според Изборниот законик, треба да бидат распишани во последните 90 дена од мандатот на актуелните градоначалници и советници, но не повеќе од 70 пред истекот на мандатот.
17-ти октомври е прв можен датум за одржување на првиот круг од локалните избори, но би се совпаднал со последните денови од пописот. Ако пак се гласа недела или две подоцна, на повеќето градоначалници и советници ќе им бидат истечени мандатите, појаснува собранискиот спикер. Ова ќе влијае на одлуката во кој термин ќе се одржат изборите, согласно измените на Изборниот законик донесени по лидерската меѓу Заев и Мицкоски, со кои гласањето, наместо во првата половина на октомври, се помести за втората половина.
Џафери ќе го почека известувањето од ДИК кога им завршуваат мандатите на локалните власти, по што ќе донесе конечна одлука кога ќе ги распише локалните избори.
До годишниот одмор на пратениците од први август, во фокусот ребалансот на буџетот. На први јули почнува комисиската расправа. Можна е и нова пленарка, но најверојатно ќе се одржат веќе почнатите на кои е останато само гласањето за законите и расправа за една од двете интерпелации за работата на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ.
Милчо Велески
