Потпишан новиот Колективен договор на МВР

24.06.2021 13:32

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев, го потпишаа новиот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи...

Денеска во Клубот на пратеници министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев, го потпишаа новиот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, кој претставува производ од меѓусебните разговори и дијалог, со цел понатамошно квалитативно надградување на сите социјални и професионални, нормативни и други стандарди неопходни за подобрување на условите на работа на вработените.

„Со потпишувањето на новиот Колективен договор, чии што измени, и ние како раководство на МВР и репрезентативниот Македонски полициски синдикат, веруваме дека во голема мерка ќе имаат позитивна рефлексија во однос на синдикалните, социјалните и професионалните права на вработените во институцијата, би сакал да нагласам дека уште еднаш, на дело се потврдуваат напорите и приоритетите на Владата на Република Северна Македонија и актуелното раководство на МВР во насока на севкупно подобрување на стандардите и условите за работа на сите припадници на македонската полиција“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, како дел од работната група формирана токму за изготвување на Колективниот договор, а предводена од државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, истакна дека со новиот Колективен договор на МВР, вработените ги задржуваат сите права што ги имаа и досега, но добиваат и низа нови права.