Македонија

Топлото време ги наполни плажите во Струга, но нема спасителна служба

24.06.2021 14:17

Топлото време ги наполни плажите на Охридското езеро. Голем број гости од земјава и странство уживаат разладувајќи се во езерските води. Капачите бараат спасителна служба на плажите. Годинава, после една деценија нема спасители на вода, причината е што нема концесионери, а урнати се и дел од објектите...

Топлото време ги наполни плажите долж брегот на Охридското Езеро. Голем број капачи се разладуваа во свежите езерски води. Водата достигна 22 степени, температура симболична за летниот период од годината. Според капачите, езерото е пријатно за разладување и справување со топлотниот бран кој ја зафати земјава деновиве.

„Дојдовме од Скопје, само што ја почнавме летната сезона. Водата е добра, супер, што да кажаме друго, подобро од претходната година, кога беше лоша состојбата со корона вирусот. Сега е добро, има промени овде во Струга“, вели гостинка од Скопје.

„Ова година малку покасно започна сезоната затоа што времето беше поладно, и водата во езерото и Дримот побавно се стопли. Задоцни малку капењето, но денвиве е супер се капиме и во езеро и во Дрим, многу убаво“, вели еден стружанец.

„Водата е добра има подобра температура, а се очекува да биде и подобра деновиве. Се надеваме дека од први јули натака ќе има добра сезона“, додава друг.

„Водата засега почна да се затоплува како и времето. Мислам дека годинава ќе е подобро и ќе има повеќе гости“, вели еден граѓанин.

На плажите сѐ уште нема спасители. Дел од хотлеите најавија дека ќе ангажираат спасители на вода од први јули, но изминативе години само мал дел од струшките концесионери плаќаат спасители.

„За жал ние сме сведоци дека секоја година овде во Струга, слушаме или гледаме, дека некој се удавил во езеро, затоа е многу потребно да има спасители по плажите“, вели еден стружанец.

„Потребно е да има по некој спасител на плажа поради тоа што секој не знае да плива“, додава негов сограѓанин.

Од охридска страна хотелите и авто- камповите најавија дека ќе ангажираат спасители, но бидејќи голем дел од плажите останаа без концесионери, годинава нема да има спасителна служба на вода.

Од Црвениот крст велат- спасителите и обележаните капалишта се од клучно значење за безбедноста на капачите. Секое лето тие имаат по стотици интервенции на спасени давеници, топлотни удари, посекотини и повреди во вода.

Соња Рилковска