Ковид-19

Во Прилеп се интензивира вакцинацијата, ќе се затвора модуларната болница

28.06.2021 13:48

На прилепскито регионален пункт се интензивира имунизацијата, од денска и помладата популација. Се чекаат насоки од министерството за теренската вакцинација. Ќе замине и последниот пациент и времено ќе се затвори модуларната болница...

Вакцините стигнаа, се забрзува процесот на вакцинација во прилепскиот регионален пункт. Повеќе граѓани се на пунктот, и од 500 дневно, сега има 890 термини. Од денес се вакцинира и помладата популација.

Денеска почнавме со вакцинација со Фајзер, а и на Синовак, а тече ревакцинацијата со Астра Зенека, со Синофарм и со Фајзер. Нема никакви проблеми и се надеваме така ќе продолжи, вели доктор Сашо Пуцакоски.

Има 890 термини, а капацитетот е и до 1.000 вакцинирања дневно. Дури 80 насто од граѓаните над 60 години веќе примиле вакцина“, изјави Кети Смилеска, директор на Градска болница со општа надлежност- Прилеп.

Граѓаните порачуваат сите да се вакцинираат што побрзо. Се вакцинираа и инвалидизираните лица. Досега на пунктот се имунизирани над 12.000 граѓани од кои 4.000 ја примиле и втората доза, а уште околу 3.000 прилепчани примиле вакцина на други пунктови.

Деновиве преку Стопанската комора ќе се вакцинираат и вработените во фирмите и во институциите. Се чекаат насоки од министерството за теренската имунизација по населените места. Има доволно медицински персонал.

„Чекаме како ќе се одвива теренската имунизација во населените места. Ние ќе формираме тимови кои, независно од тимовите на пунктот ќе одат и ќе вршат имунизација во населените места. Имаме доволно персонал за да не забави интензитетот на вакцинацијата“, изјави Смилеска.

Денеска од модуларната болница ќе замине и последниот хоспитализиран пациент од коронавирусот. Тој е во добра здравствена состојба. Модуларната времено ќе биде затворена.

 

Елизабета Митреска