„Мал Шенген“

На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни

29.06.2021 14:33

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, преку видеоврска на состанок за подобрување на односите во рамките на регионалната иницијатива „Мал Шенген“. Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни-заедничка изјава на Заев, Вучиќ и Рама. На 29-ти јули во Скопје најавена нова средба…

Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на земјите и против интересите на самата Унија. Ова е главната порака од заедничката изјава на српскиот претседател Вучиќ и премиерите на Македонија и на Албанија, Заев и Рама по онлајн состанокот за „Мал Шенген“.

Потенцирано дека земјите од Западен Балкан се дел од Европа и секогаш ќе бидат. Нив им е потребна ЕУ колку што и тие и се потребни на Унијата. Вучиќ, Заев и Рама договорија поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи на 5-ти јули. На 29-ти јули, пак, во Скопје договорена нова средба и парафирање на договори за олеснување на трговијата на увозот и извозот и помош при справување со природни катастрофи.

Тројцата лидери побараа од Европската унија и од Соединетите американски Држави, да преземат конкретни чекори за да се развијат инвестициски, краткорочни проекти за подобрување на животна средина во земјите од Западниот Балкан и за многу поголема употреба на обновливите извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на зелената агенда за Западен Балкан.

Благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ, се потенцира во заедничката изјава на тројцата лидери од Западниот Балкан.

„Мал Шенген“, која во моментов ги вклучува Србија, Албанија и Македонија, беше иницирана во Нови Сад во 2019-та година од трите земји како проект за подобрување на економијата и регионалната соработка, за да се создаде единствен пазар и да се забрза економскиот развој.

Игор Панов