Димитров: Изјавата на португалската министерка е прилично несреќна и спротивна на португалскиот предлог

30.06.2021 12:28

Во рамките на контактите што тој и шефот на дипломатијата Османи ги оствариле со португалските претставници, било изразено жалење од страна на официјален Лисабон.

Изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања е поприлично несреќна и целосно спротивна на португалскиот предлог и официјалниот став на Лисабон, инфомира вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

„Нејзината изјава, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение. Во оваа смисла изјавата никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите вклучени во процесот да се воздржат од какви било квалификации или објаснување на процеси поврзани со македонските национални прашања. Македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и идентификуван со своите уникатни специфики и запишан во личната карта на Северна Македонија во ОН. Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет“- потенцираше вицепремиерот Димитров.

Во рамките на контактите што тој и шефот на дипломатијата Османи ги оствариле со португалските претставници, било изразено жалење од страна на официјален Лисабон.