Македонија

Партиски или статистички- не стивнуваат реакциите за пописот

31.03.2022 16:24

Партиски или статистички попис?! Едните бараат поништување на одредени резултати, за другите пописот успешен е според европските критериуми, исто како и за претседателот Пендаровски. Спотивставените ставови сепак не ја демантираат вистината-бројот на населението опаѓа и поради прирастот и поради емиграцијата…

Податоците од пописот доаѓаат во вистински момент и се појдовна точка за развој на нашата земја, вели вицепремиерот Битиќи за објавените резултатите. Тој ги оценува податоците од статистичката операција како бројка на којашто заеднички треба да работиме.

„Да работиме за сите наши сограѓани коишто за жал во овие 20 години нè напуштиле за да креираме една подобра иднина за да се вратат. Да работиме за нашите генерации, за нашите деца за да не одат, за да после 10 години жалиме што отишле“, изјави Битиќи.

За опозицијата станува збор за попис којшто е некомплетен и како таков не дава целосна слика во земјава. Од оваа коалиција велат, по преземањето на власта ќе спроведе електронски и целосен попис.

„Бараме Државниот завод за статистика да формира работни групи и да спроведе повторна посета на оние 132.000 лица кои не се изјасниле за националната и верската определба, како и за мајчиниот јазик којшто го говорат“, рече Љупчо Пренџов од ГРОМ.

Алијанса за Албанците обвинува за противзаконски и неверодостоен попис што не ја прикажува националната и верската структура на населението. Побараа да се повлече бројката од 132.000 лица кои биле административно внесени во резидентното население.

„Ние како партија велиме дека и пописот за дијаспората е незаконски изведен зашто и таму не се применил методот на вкрстување на податоците од дата базите за да се утврди колку лица реално живеат во земјава“, посочи претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Движењето БЕСА го потврди својот политички став дека процесот на попис на населението треба да остане само статистички, а колективните законски уставни права на етничките заедници треба да произлегуваат од бројот на жители кои се државјани на државата, а не според бројот на резидентните.

„Објавувањето на резултатите од Пописот во Северна Македонија отвора дебата за која се бара подлабока анализа, но и одговорност од политичките сили кои сакајќи да ја одржат ексклузивноста и нетранспарентноста го презедоа целиот товар на еден историски процес“, вели Аријанит Хоџа од Беса.

Демократската партија на Турците, Бошњачкиот демократски сојуз, како и одделни здруженија на Ромите не ги признаваат пописните резултати, бидејќи сметаат дека се застапени во многу поголем број во земјава.

Игор Панов