Eвроинтеграции

Решението со Софија да биде врзано со крајот на пристапниот процес

01.04.2022 14:00

Организации коишто го следат интегративниот процес со предупредување и совет до властите за преговорите со Бугарија. Институтот за демократија и Институтот за европска политика укажуваат дека какво и да биде решението со Софија, тоа мора да биде врзано со крајот на пристапниот процес во Европската унија. Целта е да се спречат нови блокади од Бугарија поради различно толкување на договорот...

Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора: да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес – по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти вклучувајќи го и евентуалното внесување на бугарско малцинство во уставот, да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на договорот. Ова се дел од црвени линии во разговорите со Бугарија поставени преку документ изготвен од Македонските институти за демократија Социетас цивилис и Европски политики. Според нив, недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на договорот во преговорите преку преговарачката рамка оти во таков случај, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови кои немаат никаква врска со правото на Европската Унија – го појаснува документот Марко Трошановски.

Врвен ризик е секакво менување на Уставот на Република Северна Македонија освен на самиот крај на пристапниот процес, односно по сите ратификации, кога Бугарија нема да има можност за блокада. Бугарија инсистира на менување на Уставот во рана фаза на пристапувањето, затоа што тоа ѝ отвора можност за постојан притисок врз идентитетски прашања и за последователни барања.

Барањата за правична застапеност и јазични права можат да произлегуваат единствено од пописот. Секој договор што не спречува повикување на „Македонците со бугарски пасоши“ како критериум за колективни права е многу опасен – вели Трошановски.

Апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Обидот бугарското барање за промена на уставот да дојде преку Брисел е спротивен на принципите на ЕУ – пишува во документот. За јазикот не смее да има никакви дополнителни формулации.

Не смеат да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту какви и да е дополнителни појаснувања, изјави, итн. со кои ќе се релативизира посебноста на македонскиот јазик. Каква и да е задршка или резерва во однос на јазикот сега, ќе води во најмала рака кон нерамноправен третман на македонскиот јазик, а со тоа и на државата во ЕУ. Текстот на Пристапниот договор со ЕУ во однос на јазикот мора да биде идентичен како и за другите држави пристапнички. Постојната билатерална јазичната клаузула не смее да се преслика на ниво на ЕУ – посочува Марко Трошановски.

Документот изготвен од двата невладини институти ќе биде претставен пред пошироката јавност и партиите. Подготвувачите велат досега гледаме декларативни заложби, но не и конкретни чекори.

Миле Ристески