Битола

Образовниот асистент најважен сегмент во процесот на инклузија во образованието на децата со аутизам

01.04.2022 15:06

Досегашната пракса покажува дека освен поголемиот ангажман на државата во создавање на услови за сеопфатна инклузивност на децата со аутизам образовниот асистент е вистинската алка во процесот на образовната инклузивност. Со музичко – поетски рецитал седумте деца од СОУ „Таки Даскало“ во Битола го најавија меѓународниот ден на оваа категорија на лица, но и покажаа дека по некои афинитети ни малку не заостануваат во однос на другите деца..

Неколкуте маестрално изведени композиции на пијано на средношколецот Иван Стефановски докажуваат дека аутизам не е пречка за успех доколку со овие деца посветено се работи. Неговиот образовен асистент и училишни психолози велат напредок има и кај останатите вакви деца но сè уште мал е бројот на стручен кадар.

Иван е еден од седумте средношколци со аутизам во графичката паралелка на битолското СОУ „Таки Даскало“. Процесот на инклузијата во образованието е тежок и долготраен процес затоа треба да се пристапи одговорно вели директорот Ристо Грујовски.

Само со целосна посветеност од секаков аспект ќе може на децата со аутизам да им се дадат адекватни можности и да се осознаат нивните индивидуални способности. На тој начин образовниот процес уште повеќе да се приближи до нивните потреби за да еден ден станат граѓани на кои нема да се гледа со предрасуди.

Стевче Митревски