Македонија

Поставено спомен обележје во велешкото село Долно Караслари за загинатите француски војници од Првата светска војна

02.04.2022 14:50

Во велешкото село Долно Караслари поставено е спомен обележје за загинатите француски војници од Првата светска војна. Францускиот амбасадор во Скопје порача, Франција не ги заборава своите жртви.

Во велешкото село Долно Караслари поставено е спомен обележје за починатите француски војници од муслиманска вера од Првата светска војна. Него го постави Здружението за зачувување на француските спомени „Сувенир Франсе“ од Скопје и истото се наоѓа до спомен обележјето подигнато 1930 година. Францускиот амбасадорот Сирил Бомгартнер порача дека Франција своите жртви од Првата светска војна и по еден век не ги заборава.

Повеќето од загинатите се војници од Мароко, познати како „марокански спахии“, а имало и жртви од Алжир, Тунис, но и од Џибути. Тие загинала при пробивањето на „Македонскиот фронт“ во Првата светска војна во септември 1918 година. Откривањето на оваа спомен-плоча е доказ за македонско-француското пријателство, кажа Веле Алексовски.

Со поставувањето на оваа спомен-плоча се потврдува дека оние кои загинале, борејќи се на едната или другата страна, заслужуваат да не бидат заборавени. Затоа што ако ги заборавиме како по втор пат да загинуваат, посочија говорниците.

Сите учесници на настанот без исклучок направија паралела со актуелната војна во Украина, потенцирајќи дека војната ќе заврши но ќе останат бројните нејзини жртви.

Петар Печков