Македонија

Владата и опозицијата со различни ставови околу разговорите на историската комисија

02.04.2022 17:10

Што точно е прифатено, и кој е договорот меѓу македонската и бугарската историска комисија – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинуваат дека разговорите се водат нетранспарентно, зад затворени врати, без да биде информирана јавноста. Премиерот Ковачевски уверува дека јазикот и идентитетот нема да биде предмет на преговори...

ВМРО-ДПМНЕ бара од Владата да објасни што точно е прифатено, и кој е договорот меѓу македонската и бугарската историска комисија, откако Претседателот Ангел Димитров по средбата изјави, дека спорната тема Цар Самоил е затворена со договор за заедничко чествување. Од партијата обвинуваат дека преговорите се водат нетранспарентно, зад затворени врати, без да биде информирана опозицијата, пратениците, но и јавноста. Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека преговорите може да задираат во македонскиот идентитет, јазик и историја.

Премиерот Ковачевски уверува дека јазикот и идентитетот на македонскиот народ нема да биде предмет на преговори. Ја обвини опозицијата дека има како што рече редовна пракса да ги критикува сите договори со кои се прави стратешки исчекор. Ковачевски рече дека неговиот и оптимизмот на бугарскиот премиер Петков се должи на напредокот на работните групи што ги формирале Владите на двете држави за кои како што вели веќе имаат опипливи резултати. Наредната средба на историската комисија е закажана на 12-ти и 13-ти мај во Софија.

Викторија Милевска