Одбрана

Петровска: Вредностите на НАТО нѐ држат сплотени и обединети како никогаш до сега

04.04.2022 13:32

Зборувајќи за патот на Северна Македонија кон НАТО, министерката Петровска потенцираше дека ги пребродивме сите блокади кон стратешката цел, и не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри и откако го поминавме прагот на НАТО. Северна Македонија – рече Петровска, е рекордер во брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата за само 19 месеци по членството.

Денот на НАТО е датум кој за сите 30 сојузници е важен бидејќи не обединува во вредностите кои не држат сплотени и во заедништво, а во моменталниот геополитички контекст ние сме обединети како никогаш досега – изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на традиционалната прес-конференција со која се одбележува 4. Април, Денот на НАТО во организација на  Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.

Зборувајќи за патот на Северна Македонија кон НАТО, министерката Петровска потенцираше дека ги пребродивме сите блокади кон стратешката цел, и не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри и откако го поминавме прагот на НАТО. Северна Македонија – рече Петровска, е рекордер во брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата за само 19 месеци по членството.

Алијансата, рече министерката, е од суштинско значење за безбедноста на евроатлантската област.

„Денеска, ние и нашето трансатлантско семејство повторно сме соочени со сериозни предизвици, соочени сме со немилосрдната војна и агресија на тлото на европскиот континент кој го нарушува воспоставениот меѓународен поредок но и безбедносна архитектура. Одбележувајќи ја 73 годишнината од формирањето на НАТО, мора да потсетиме дека заедно со останатите 29 сојузници стоиме обединети и одлучни во определбата за зачувување на европската и трансатлантска безбедност, особено во контекст на она што денес ни се случува. Оваа криза, уште еднаш ни покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и аналогно на тоа - колку е значајно да се биде дел од глобална структура и да се има сојузници. Оваа состојба и нејзините последици го предизвикува демократскиот меѓународен поредок и како глобален проблем ние заедно бараме глобални одговори. Затоа што никој не е безбеден, додека сите не сме безбедни“ рече Петровска.

Министерката се осврна и на развојот на Армијата и континуираното зголемување на одбранбениот буџет, како предуслов за зголемување на воените капацитети и способности.

„Со досега невидени инвестиции во опрема и модернизација, ја зацврстуваме нашата сила на копно, а заедно со НАТО го зацврстуваме нашиот суверенитет и во воздушниот простор. Нашата држава, со над 30 проценти од одбранбениот буџет наменет за опремување и модернизација, стана дел од 24-те сојузници кои веќе ги исполнија насоките од Самитот на НАТО во Велс, а секако дека сме посветени да го исполниме и вториот критериум – до 2024 година да одвојуваме 2 проценти од бруто-домашниот производ годишно за одбраната и Армијата. Имајќи предвид дека го дуплиравме нашиот одбранбен буџет за само четири години, немаме сомнеж дека ќе ја достигнеме и оваа цел“, рече Петровска.

Во својот говор, Петровска упати повик до македонските компании да ја искористат можноста да настапат на пазарот на НАТО и додаде дека Министерството за одбрана ќе даде поддршка во тој дел.