Македонија

Членството во НАТО- клучна стратегиска цел

04.04.2022 14:40

Одбележан денот на НАТО. Македонија е две години членка на Алијансата. Државниот врв со порака-стоиме рамо до рамо со нашите сојузници, вредностите на НАТО и ЕУ се и наши вредности. Потврдена солидарноста и единството за состојбите во Украина…

Руската инвазија во Украина е неоправдана и неиспровоцирана, сериозно го крши Меѓународното право и брутално го загрозува суверенитетот на земјата, истакна премиерот Ковачевски на годишнината од основањето на НАТО. Заедно со сојузниците внимателно се следат и се одговара на хибридните закани кои имаат за цел да ја поткопаат довербата во НАТО и во ЕУ.

Членството во НАТО беше една од нашите клучни стратешки цели уште од независноста, поддржана со широк политички консензус на национално ниво и висока поддршка од граѓаните, напиша шефот на државата Пендаровски на Фејсбук.

Процесот на пристапување во Алијансата беше долг, беа потребни тешки одлуки и длабински реформи во нашата Армија и безбедносниот сектор но, денес, кога меѓународниот поредок е во опасност, ја разбираме важноста од членството во НАТО. Членството во Алијансата јасно ја исцртува и нашата долгорочна ориентација за почитување на вредностите кои ги споделуваме со евро-атлантската заедница: слободата, демократијата и владеењето на правото, како предуслови за успешен развој. – напиша Пендаровски.

Високата претставничка од НАТО, Кармен Ромеро истакна дека Северна Македонија е извонреден сојузник и клучен елемент за стабилност на Балканот.

Министерот за надворешни работи Османи потсети дека пред неколку месеци земјава го заокружи процесот на воена интеграција во Алијансата и продолжува да спроведува реформите. Се очекува до 2024 година да се постигне прагот на доделување на 2% од БДП за одбраната според стандардите на Алијансата.

Анита Димитријевска Велковска