Попис

Над 52.000 жители помалку Полошкиот регион

04.04.2022 14:06

Над 52.000 жители има помалку Полошкиот регион, споредено со пред две децении. Демографската слика е најлоша во селските средини, од каде се иселуваат цели семејства. Експертите посочуваат на итно градење на политики, пред сè економски, за да се спречи миграцијата, особено од руралните места...

Затворени капии и врати, спуштени ролетни. Сликата доволно говори за демографската реалност во Желино, рурална општина која според последниот попис е на врвот по бројот на намалена популација во тетовскиот регион.

Општина Желино отсекогаш важела за печалбарско место. Мостот на која се наоѓаме го носи името печалбарски мост. Тука во минатото жените ги испраќале своите сопрузи на печалба. Но, сега никој никого не испраќа, оти цели семејства се иселуваат.

За изминативе две децении во оваа општина се намалила бројката на населението за над 22%.

Селата се празнат

Пензионерот Екрем Рамани повеќе од 15 години живее сам со неговата сопруга. Синот е во странство, како и многу млади од неговата улица. Но, причината за лошата демографска слика се и сè помалку склучените бракови, како и намалување на традицијата на многудетни семејства.

И не само Желино, сите општини од Тетовско – гостиварскиот регион, бележат намалување на населението.

Гостивар сега има помалку 26% граѓани споредено со пред две децении, руралните општини Боговиње, Врапчиште и Теарце со 21% намалена популација. Брвеница со 13%, а Јегуновце со 17%. Или вкупно во целиот Полошки регион, за две декади има над 52.000 помалку жители.

Долгата транзиција, невработеноста, особено на младите кои масовно си заминуваат од земјата е главната причина поради која се празни државата, велат експертите. Посочуваат на итно градење на политики, пред сè економски за да се спречи миграцијата, особено од руралните места.

Зоран Димовски