МАРРИ

Намален бројот на мигранти

05.04.2022 12:55

Потребни се усогласени процедури и унифицирани законски решенија во заедничката борба против илегалната миграција- порача министерот за внатрешни, Спасовски. Според него, тоа ќе помогне и во олеснувањето на движењата на оние лица кои биле приморани на миграција. Традиционален дипломатски брифинг – пријатели на МАРРИ.

Намален е бројот на мигранти од почетокот на годинава, но земјава сѐ уште е дел од западнобалканската рута од југ кон север кон земјите од Европската унија. Првиот човек на МВР, Спасовски објави дека најголем дел од откриените мигранти се од Пакистан, Сирија, Индија.

„Во првите два месеца од 2022 година забележуваме тренд на намалување за 27 проценти на обиди за илегално влегување во Северна Македонија, или спречени се вкупно 1.439 обиди. Од нив во февруари 764, а во јануари 675 обиди. Дури 77 отсто од обидите се спречени на граница со Грција или 1.119 обиди, 280 на граница со Србија“, изјави министерот за внатрешни, Оливер Спасовски.

Регионалниот центар за мигранти, азиланти и бегалци во кој членуваат 6-те земји од Западниот Балкан е инструмент за споделување информации за илегалците и соработка со европски агенции. МАРРИ има дигитални податоци за мигрантите, барателите на азил и бегалците и онлајн пристап со преведувачи од јазиците на кои што тие зборуваат.

„Работиме на нашите капацитети и трансформирање на информациите во знаење и се надевам дека ќе можеме да дадеме годишен извештај за текот на миграцијата којашто ќе им помогне на администрациите за да можат да предвидат можни трендови на движење на миграциите на Западниот Балкан“, рече Сашко Коцев, директор на МАРРИ.

Регионалниот центар МАРРИ чие што седиште е во Скопје и со кој земјата моментално претседава, соработува со МВР во борбата против трговијата со луѓе.

 

Ирина Гелевска