УПОЗ најави предупредувачки штрајк
УПОЗ со предупредувачки штрајк. Најавуваат двочасовен прекин на работата во четврток и во петок. Велат-досега од владата немаат никаков одговор за нивните барања. Тврдат оти 95 проценти од вработените не го добиле ниту загарантираниот износ со Законот за минималната плата…

Предупредувачки штрајк со прекин на работата од два часа на 7-ми и 8-ми април најавија од Синдикатот на Управата и правосудството. Велат – досега од надлежните министерства немаат никаков одговор за барањата на вработените за усогласувањето на платите со растот на минималната плата.
Од Синдикатот посочија и дека 95 насто од вработените не ги добиле ниту минималните плати во износ од 18 илјади денари. Повторија дека доколку не им бидат исполнети барањата подготвени се целосно да го прекинат работниот процес.
Во синдикатот нагласуваат дека станува збор за 13 илјади административци во судовите, министерствата, агенциите и фондовите, на кои поради економската криза крајно им е нарушен животниот стандард.
Тие се приклучуваат на барањето на матичниот Сојуз на Синдикатите на Македонија кој поднесе официјален предлог до Владата за линеарно зголемување на сите плати во јавната и државната администрација во износ од 2.800 денари.
Игор Панов
