Во понеделник пресуда за сообраќајката кај Сити Мол
Обвинетиот во сообраќајката кај Сити Мол во која загина 24 годишната Викторија ја призна вината, во понеделник пресуда.

Изразувам сочувство до семејството. Од тој ден немам мир, многу сум вознемирен и би сакал да можев да сменам нешто, изјави обвинетиот Јордан Ѓоргиев кој призна вина за сообраќајната несреќа кај Сити Мол во која загина Викторија Николова. Не ги негираше наводите на обвинителството дека не обрнал внимание на пешаците и дека возел со брзина од 67 километри на час. Кратко одговори дека се кае.
Одбраната тврди - нема умисла и дека Ѓоргиев треба да одговара за небрежност поради што побара судот да му изрече казна под законскиот минимум. Адвокатката на Леонид Даов, момчето на Викторија кое беше повредено во несреќата, тврди дека има умисла.
Несреќата се случи на 20-ти јануари. 22 годишниот Ѓоргиев со возило Цитроен удрил во двајца пешаци кои на обележан премин го минувале булеварот. Од здобиените повреди девојката починала на самото место, додека момчето се здобило со телесни повреди.
Анита Димитријевска Велковска
