Неизвесност по најавата за генерален штрајк- кој ќе ги згрижува децата во градинките?
Образованието од понеделник го најави генералниот штрајк. Ќе штрајкуваат и вработените во градинките. Неизвесно е згрижувањето на над 1.000 деца и во прилепските градинки. Според Законот за заштита на децата, решение треба да најдат директорите во градинките, заедно со општината. Во тек се разговори за финансиски средства и ангажирање 100-ина негуватели и воспитувачи со лиценца. Решение сè уште нема…

Александар Спиркоски е родител на 4-годишно дете. Со сопругата се вработени. Не знаат како и каде ќе го згрижат своето дете од понеделник.
Неизвесно е за преку 1.000 деца од шесте прилепски градинки. Од 153 вработени, 122 се членови на синдикатот, а над 100 се изјасниле за генералниот штрајк. Законот за заштита на децата е јасен-градинките во соработка со општината треба да обезбедат непречено згрижување на децата.
Ситуацијата е тешка, признаваат од градинките. Сè уште се договараат со надлежните од општината. Оттаму без одговор. Тешко ќе се најдат заменски воспитувачи и негуватели со лиценца. И граѓаните со свое размислување.
Сè уште е без конкретно решение згрижувањето на децата во градинките по најавениот генерален штрајк во понеделник.
Елизабета Митреска
