Македонија

Спасовски: За безбедноста во сообраќајот сме одговорни сите

06.04.2022 14:38

Нема толеранција за пијани возачи, неисправни возила, непочитување на сообраќајните правила и прописи, рече Спасовски и додаде дека зачестените контроли даваат резултат.

За безбедноста во сообраќајот сме одговорни сите, рече министерот за внатрешни работи, на тркалезна маса посветена на безбедноста на пешаците. Нема толеранција за пијани возачи, неисправни возила, непочитување на сообраќајните правила и прописи, рече Спасовски и додаде дека зачестените контроли даваат резултат.

„Ако во 2013 имаше 198 жртви, во 2016 тој број беше 165, во 2017 – 155, 2018 – 133, во 2019 – 132, во 2020 – 125“, истакна министерот Спасовски.

Претседателката на Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, наведе дека покрај основните задачи за унапредување и развивање на сообраќајното образование, воспитание, култура и етика, РСБСП посебно внимание посветува на превентивното делување за зголемување на безбедноста и на сите категории учесници во сообраќајот на патиштата во Македонија.

Деканот на факултетот за безбедност, пак, Никола Дујовски, потенцираше дека интегрираниот пристап мора да продолжи за да се зголеми сообраќајната култура.

„Се движиме кон бројка што е поднослива и во Европски рамки, а тоа е резултат единствено на интегрираниот пристап што можеме да го имаме. Полицијата е можеби најважниот сегмент, но сите останати Локалната самоуправа, Министерството за транспорт и врски, Црвениот крст и другите институции кои можат да дадат поддршка, треба да го правиме тоа постојано“, рече деканот Дујовски.

Со набавка на модерни, технички високософистицирани радари, сите опремени со уред и за ноќно снимање, сообраќајна полиција е единствена во регионот која е комплетирана со уреди од последната генерација, од кои невозможно е да се избрише снимениот материјал, потенцираа од министерството. Во рамки на тркалезната маса беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Факултетот за безбедност и РСБСП.

Катерина Топалова