Долгите редици минато, најавен електронски упис во средните училишта
Министерството за образование и Британската амбасада промовираа нова дигитална алатка со која се скратува времето и трошоците за упис. Министерот Шаќири рече дека во наредниот период фокусот ќе биде насочен кон дигиталната трансформација на образованието.

Минато ќе бидат долгите редици пред средните училишта каде деветоодделенците чекаа со часови, за да ги поднесат документите за упис. Од јуни пријава ќе доставуваат по електронски пат. Министерството за образование и Британската амбасада промовираа нова дигитална алатка со која се скратува времето и трошоците за упис. Министерот Шаќири рече дека во наредниот период фокусот ќе биде насочен кон дигиталната трансформација на образованието.
„Во фаза сме на разгледување на Законот за средно образование, каде ќе го разгледаме целосно и законот за стручно образование, но нема да заборавиме да ја разгледаме и можноста што помалку физички, што повеќе дигитални документи со измените на овие закони“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
„Поддршката во овие реформи ќе направи разлика во животите на луѓето. Работиме со МОН повеќе години во програмите поддржани од УНИЦЕФ во предучилишното образование. Кога се случи пандемијата, работевме на приспособување на програмите за да одговориме на предизвикот. Поддржуваме дигитални вештини во образованието и мило ми е што ги обезбедивме“, изјави амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј.
Ковид-кризата ја зголеми потребата од воведување и од познавање на новите технологии. Неопходно е што побрзо да се адаптираме на овие промени, велат од Центарот за управување со промени. Податоците на Еуростат пак покажуват дека е мал бројот на македонски граѓани коишто ги познаваат дигиталните вештини, додека овој процент е повисок кај младите на возраст од 16 до 19 години.
„Нивото на дигиталните вештини кај сите лица во Северна Македонија се околу 32%, а можете да го видите просекот на Велика Британија кој 74 проценти, но гледате дека 74 проценти од децата од 16 до 19 години се дигитално писмени“, рече извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска-Сачмароска.
Месецов наставниците ќе бидат обучени како да ја користат електонската услуга.
Викторија Милевска
