Џафери одговори на обвинувањата
„Не штитам никого“ – спикерот Џафери одговори на обвинувањата дека ја суспендира работата на Анкетната комисија. За претседателот на Собранието, седницата била деловнички закажана..

Го укинав решението за свикување седница на постојаната Анкетна комисија за човекови права на претседателот Халил Снопче, зашто сметам дека е неделовничко, бидејќи за тие предмети за кои требаше да се расправа, сè уште трае истражната постапка, вели претседателот на Собранието Талат Џафери на обвинувањата на Алијансата за Албанците. Пратеникот Снопче го обвини спикерот дека сакал да затскрие од јавноста или пак да заштити некого за трагичните случаи во Тетово и Бугарија.
Немам цел ниту некого да штитам, ниту пак сакам да спречам да се отворат темите за модуларната болница во Тетово и за трагичната несреќа во Бугарија, туку постапувам согласно деловникот и законите на Собранието дециден е спикерот Џафери.
„Сметам дека предмет на расправа во секоја комисија е информација, одлука или материјал којшто е доставен од пратеник, група пратеници или од десет илјади избирачи или пак од Владата како овластени предлагачи“, изјави спикерот Џафери.
Спикерот Џафери вели дека не смее да се дозволи да се злоупотребуваат емоциите на семејствата на трагично загинатите во дневно политички цели.
За поединечни предмети за повреда на човекови права, како што е случајот со офицер на АРМ, кој сметал дека неправедно не бил унапреден во армиската служба треба да решаваат судските органи, Комисијата за дискриминација или пак Народниот правобранител. За вакви предмети Собранието е апсолутно ненадлежно смета Џафери.
Игор Панов
