Дигиталната трансформација

Грковска: Со дигиталната трансформација на општеството ја унапредуваме ефикасноста

06.04.2022 18:11

Подготовка на конкретен план со кој ќе се оптимизира процесот на дигитална трансформација на општеството, стандардизацијата на техничките потреби за оваа намена, но и целосно координирана активност на сите вклучени институции се следните чекори во процесот на дигитализација...

Подготовка на конкретен план со кој ќе се оптимизира процесот на дигитална трансформација на општеството, стандардизацијата на техничките потреби за оваа намена, но и целосно координирана активност на сите вклучени институции се следните чекори во процесот на дигитализација. Ова го најави заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешниот состанок со двете работни групи надлежни за областа на информатичко комуникациските технологии и за подготовка на неопходните законски решенија.

Таа информираше дека процесот на дигитална трансформација на општеството се одвива заедно со експерти од Естонија и поддршка од амбасадата на САД.

„Преку дигитализација на процесите, на граѓаните им се овозможува навремени и ефикасни услуги со минимизиран ризик од субјективно и дискреционо постапување. Со оваа дигитална трансформација се унапредува ефикасноста и кредибилитетот на институциите, со што ќе се зголеми и зајакне довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа додаде дека мора да се утврди со какви капацитети располагаат одделенијата за стратешко планирање во рамките на државната управа, но и да се направи стандардизација на техничките потреби меѓудругото и во смисла на сајбер заштита и безбедност. Дополнително, додаде вицепремиерката Грковска, со помош на работните групи ќе се направи евиденција за софтверски решенија и апликации со кои располагаат самите институциите, со цел да се има увид со што располагаат институциите за да се избегне непотребно изготвување на веќе постоечки софтверски решенија и нивно меѓуинституционално користење онаму каде што е возможно.