Османи: Обединети сме во осудувањето на Русија и во солидарноста со украинскиот народ
„Нема промена во амбицијата на Путин да ја контролира цела Украина и да го измени меѓународниот поредок. Мора да бидеме подготвени за долготраен конфликт“ – вели генералниот секретар на НАТО, Столтенберг од состанокот во Брисел. Според министерот Османи, се испраќа силна порака за заедништво...

Во Брисел дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО. Централна тема се актуелните безбедносни состојби предизвикани од руската воена инвазија врз Украина, како и за мерките и активностите што алијансата ги презема за заштита на територијата и гарантирање на безбедноста на сите земји членки на НАТО.
„Се наоѓаме во критичната фаза на војната. Гледаме дека Русија преместува сили од југот и северот на Украина за да ги пополни, снабди и пренасочи кон исток, каде што очекуваме масовна офанзива. Претседателот Путин сака да го контролира целиот Донбас и да воспостави мост меѓу Донбас и Русија. Нема промена во амбицијата на Путин да ја контролира целата Украина и да го измени меѓународниот поредок. Затоа мора да бидеме подготвени за долготраен конфликт. Мора да ја поддржуваме Украина, да продолжиме со санкциите и да ги зајакнеме нашата одбрана и одвраќање, затоа што ова може да трае долго време и мораме да бидеме подготвени за тоа“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Генералниот секретар претходно изјави дека Алијансата очекува Москва да се обиде да го окупира целиот регион Донбас на исток, со цел да создаде копнен коридор од Русија до анектираниот Крим. Инсистира дека нема да бидат испратени војници или авиони на НАТО да се борат во Украина.
САД и ЕУ се подготвуваат да воведат дополнителни санкции против Русија поради обвинувањата за воени злосторства во украинскиот град Буча. Сликите на масовни гробници и тела на цивили егзекутирани во предградијата на Киев го шокираа светот.
Вашингтон вели дека ќе забрани нови инвестиции во Русија и ќе воведе дополнителни санкции за руските финансиски институции. Тој, наводно, размислува за мерки насочени кон двете ќерки на Путин и најголемата руска банка.
На состанокот учествува и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Ова е одлична можност да се испрати силна порака за заедништво. Обединети сме во осудувањето на Русија и во солидарноста со украинскиот народ. Сите аспекти треба да се рефлектираат во овој следен стратешки концепт, да се зајакне партнерството со ЕУ и да се забрза ангажманот кон западен Балкан со цел засилување на стабилноста и безбедноста на југоисточниот дел“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министрите разговараат и за новиот стратешки концепт на НАТО, односите со земјите партнери на алијансата, како и за начините за унапредување на политичката и практична помош за партнерските земји кои се изложени на поголем ризик.
Марина Ристова
