Македонија

Мицкоски: Ако ВМРО-ДПМНЕ е историскиот сопатник на Македонија, Унијата на млади сили е енергијата која го движи ВМРО-ДПМНЕ

06.04.2022 21:26

Оваа година се навршуваат точно 31 година од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва сме тука да го потврдиме и одбележиме значењето на оваа структура, која 31 година е сопатник на ВМРО-ДПМНЕ...

„Оваа година се навршуваат точно 31 година од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва сме тука да го потврдиме и одбележиме значењето на оваа структура, која 31 година е сопатник на ВМРО-ДПМНЕ.

И секој член на ВМРО-ДПМНЕ е посебно врзан за оваа структура, затоа што во нашата партија редот е да се започне токму во УМС, прво да се запознае со сонот на ВМРО, потоа да се изнедри во човек кој ќе стои зад националните и државни интереси, да учи од повозрасните, да ги слуша раскажувањата пренесувани низ поколенија за тоа колку скапа и жестока била борбата за Македонија, дека за ова парче земја гинеле луѓе со храбри срца, луѓе кои биле движени од сон, идеја и челична волја.

Но УМС од секогаш било и место каде човек може да го вложи својот потенцијал, да ја вгради својата енергија и заеднички да градиме визија. Визија која ќе е нашата заедничка иднина, визија која ќе е нашиот дом, нашето парче надеж за кое вреди да се бориме.

УМС минувало низ искушенија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, а ВМРО секогаш било во првите редови за татковината и не само кога требало борба, туку и кога требало да се гради и да се создава.

Затоа велам, ако е ВМРО-ДПМНЕ историскиот сопатник на Македонија, Унијата на млади сили е енергијата која го движи ВМРО-ДПМНЕ. И таа енергија е неуморната сила која носи промени, расадникот од кој доаѓаат идеите, од кој следат генерациите кои создаваат движење и прогрес.

И точно го знам чувството со кое се соочува секој еден член на Унијата, таа волја за докажување, но и честа да се работи и создава за сопствената Македонија, да се брани сопствениот став, да се исполнува чекор по чекор сопствениот сон.

И затоа барам од вас да се борите за работите во коишто цврсто верувате, да имате почит, но и да стоите на вашите ставови, затоа што тие ставови се сликата за вас, вашите ставови се дефиницијата по која ќе ве распознаваат од останатите. Бранете ги секогаш, покажувајте карактер, затоа што вие сте личности на силни индивидуи кои секогаш ќе ја имате мојата поддршка.

Затоа, од срце ви кажувам, УМС СРЕЌЕН РОДЕНДЕН!“, рече Мицкоски.